Новости

Блог/Новости на клубот

По рекордниот 11-тти пораз Победа ќе презими на 9-то место

Фудбалерите на Победа им приредија уште едно непријатно изненадување на своите симпатизери. Попладнево во Кичево во натпревар од последното 18-тто коло на есенскиот дел на првенството црвено-белите загубија од Македонија ЃП со 0-2, полувреме 0-2. Со денешниот вкупно 11-тти пораз оваа полусезона Победа ќе презими на 9-тото, претпоследно место на прволигашката табела со скромни 17 бодови. Тоа значи дека клубот напролет го очекува нова грчевита борба за опстанок и зачувување на прволигашкиот статус.

Очигледно по претходните 4 последователни порази и смената на доскорешниот тренер Мегленски од страна на клупското раководство со спортскиот директор Николоски, не вроди со плод па претрпен е и 5-тти пораз во серија. Иако по некое старо непишано правило тренерската смена како своевидна шок терапија може да донесе позитивен резултат тоа кај фудбалерите на Победа денес не беше случај, а правилото било потврдено при неколку смени на претходни тренери(Штерјоски со Крстески победа над Работнички 3-1, Бубања со Штерјоски победа над Скопје 4-2 и Крчмаревиќ со Бубања победа над Работнички 2-0).

Денешниот меч сигурно беше можеби најлошото издание на победашите. Во меч во кој победата беше повеќе од императив не одговорија на предизвикот и одиграа далеку под своите можности продлабочувајќи ја резултатската криза која се ефектуира со стрмоглав пад на табелата. Ако на  крајот на октомври и почетокот на ноември со победите над Шкупи и Силекс екипата беше 4-топласирана, полусезоната ја заврши со серија од 5 порази и пад на претпоследното 9-то место на табелата со скромни 17 бодови. И денес до израз дојдоа несфатливите за сениорски состав грешки во одбраната, лоша поставеност и отсуство на правовремена реакција при дадена ситуација кои се кобни оваа есен. Двата денешни примени голови од Македонија ЃП на најдобар можен начин го потврдуваат тоа. При првиот-противнички играч (Кировски) сам прима топка на пеналтик, има време да ја прими на гради и непречен од никој да се намести и го совлада Тофилоски. При вториот гол-од прекин, од корнер топката патува 30-40 метри на 16-тникот, без никој да зтавори и навреме да излезе во блок му е дозволено на Силва да шутира и го совлада Тофилоски. Покрај овие ситуации на гостите им беше дозволено уште неколкупати, посебно во торото полувреме,  да се заканат од противнапади пред се по заслуга на некоординација или грешки во предавање на топката кои за среќа не беа казнети, со што генерално се стекнуваше впечаток дека секое противничко поминување на домашната половина е нивна потенцијална шанса за гол.

На спротивната страна и денес, како и на поголем дел од претходните натпревари, не се користат шанси од кои, како што се вели во фудбалот, е полесно да се промаши отколку да се погоди противничката мрежа. Марио Наумоски во 6-тата минута имаше уште поубава шанса од онаа на мечот со Шкендија, но двапати биеше во гостинскиот голман. Мандиќ ја погоди стативата, Макота не искористи зицер, Танушев беше неснаодлив од неколку ситуации кои ги имаше…А кога е така, кога одбраната е несигурна и прима несфатливо наивни голови, а нападот е стерилен и недоволно опасен по противничкиот гол, а сето тоа комбинирано со внатреклупските проблеми со неисплатени примања на фудбалерите, тогаш и резултатите се такви какви што се.

Но тоа е што е…Останува уште реванш мечот од ¼-финалето на Купот со Шкендија во среда, по што ќе мора да се изанализира целата полусезона. Пред се финансиски да се стабилизира клубот, да се донесе одлука кој ќе биде новиот тренер, да се анализира учинокот на секој играч пооделно затоа што има доста играчи кои не ги оправдаа очекувањата, а неминовно ќе биде да се ангажираат квалитетни засилувања затоа што напролет екипата ја очекува грчевита борба за опстанок во елитното друштво.

Победа:Тофилоски, Тимовски, Драгарски, Велкоски, Исаевски, Маркоски, Ј.Наумоски( од 46 минута Мустафов), Карчески (од 69 минута Спиркоски), Танушев, М.Наумоски (од 46 минута Мандиќ), Танушев и Макота.

Резултати од последното есенско 18 коло: Победа-Македонија ЃП 0-2, Работнички-Шкупи 0-2, Силекс-Беласица 1-0, Ренова-Шкендија 0-3 и А.Пандев-Вардар 0-0.

Табела на крајот на есенската полусезона: Шкендија 40, Вардар 35, Академија Пандев 30, Работнички 26, Шкупи 23, Македонија ЃП 21, Ренова 21, Силекс 18, Победа 17, Беласица 17.

Пролетната полусезона ќе започне на 17-тти февруари а во 19-тото коло ќе играат: Победа-Беласица, Шкендија-Вардар, А.Пандев-Македонија ЃП, Силекс-Шкупи и Работнички-Ренова.

Остави одговор