Историјат

ФК ПОБЕДА АД ПРИЛЕП-

ФК Победа Прилеп е формиран во 1941 година. Најпрво под името „Гоце Делчев“ за подоцна да го промени во денешното име „Победа“, кое го носеше се до распаѓањето на поранешна СФРЈ. Во поранешната СФРЈ ФК Победа шест пати е првак на Македонија и тоа во сезоните: 1958/59, 1961/62, 1962/63, 1978/79, 1980/81 и 1985/86 со тоа освојувајќи најмногу шампионски титули во тогашната Републичка лига. Никогаш не успева да влезе во најквалитетната Прва лига иако на неколку пати е на чекор од неа. Од осамостојувањето на Република Македонија ФК Победа се натпреварува во најквалитетното друштво и секогаш е на самиот врв а ги има освоено и шампионските титули во сезоните 2003/04 и 2006/07 како и пехарот наменет за победникот во националниот куп во сезоната 2001/02. Со своите резултати во домашното првенство ФК Победа почнувајќи од сезоната 1997/98 па се до сезоната 2007/2008 има одиграно 32 официјални средби во натпреварувањата под капата на УЕФА:Квалификациите за Лигата на шампионите, Купот на УЕФА и Интер-тото купот. ФК Победа своите натпревари ги игра на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, кој има капацитет од 15.000 гледачи, а настапува во традиционалните црвено-бели дресови. По казната од УЕФА и ФФМ со 8 годишна суспензија и отстранувањето од Првата лига во 2010 година, во градот е основан клуб наследник кој ги превзема трофеите и историјата под името “Викторија”, кое подоцна е променето во Победа Јуниор, а 2015 година во ФК Победа. Клубот во сезоната 2015/16 го освои првото место во Втората Македонска Лига и од сезоната 2016/2017 повторно е член на Првата Македонска Лига. На крајот на таа сезона клубот го освои 7-то место на табелата. Од јуни 2016-та година клубот е трансформиран во акционерско друштво со официјален назив ФК Победа АД. По есенскиот дел на првенството во тековната сезона 2017/2018 клубот го зазеде 7-то место на табелата, а на крајот на шампионатот се пласира на 8-то место. Тоа значеше одигрување на бараж натпревар за опстанок во Првата лига кој беше добиен против Борец на теренот во Струмица со 2-1, со што беше обезбеден опстанокот во најквалитетното друштво. Прилепските компании: „Прилепска Пивара“,, „Кабелнет“, „Комфи Ангел“, „Жито Прилеп“ и Локалната самоуправа во 2013 година застанаа зад иницијативата за реализација на долгорочен проект чија цел е повторно прилепскиот бренд ФК „Победа Прилеп“ да го добие заслуженото место во македонскиот фудбал. Во моментов покрај овие прилепски компании, во клубот финансиски помагаат и „Витаминка“ и „Мермерен Комбинат“-Прилеп. Функцијата В.Д. Претседател на ФК Победа од јануари 2018 година ја извршува Г-ѓица Ирена Јакимовска.